Почитувани сограѓани Охриѓани,

Локалните избори за членови на Советот на Општина Охрид донесоа резултати на кои секој добронамерен Охриѓанец треба да биде горд затоа што заедно испишавме историски резултат и пресврт.

Во услови на длабока партиска замаеност, нашата иницијатива „Охрид има План Б“ успеа во својата мисија да поттикне независно мислење и став и преку вашата поддршка да обезбеди присуство во Советот на Општина Охрид и со тоа да ги победи партиските безидејни групации и да покаже дека во Охрид има поинаква сила. Партиите бележат огромно намалување на поддршката кај граѓаните споредено со претходните локални избори, а вашата победа со поддршка на независното движење и независните идеи и проекти за Охрид, е голема долгорочна победа за сите нас.

Граѓаните преку претставникот на иницијативата „Охрид има План Б“ во Советот на Општината ќе добијат свој отворен глас, ќе добијат продуктивност на идеи и предлог одлуки и ќе добијат одбрана на јавниот интерес во Општината.

Освоените 1.407 гласови се успех и победа на слободната мисла на граѓаните на Охрид и поддршка која е знак дека тука нема да се застане тука напротив ќе се проширува. Охрид го гледаме многу поинаку од другите, го гледаме како визија,како стратегија, како носење решенија и одлуки. Изразуваме огромна благодарност за дадената поддршката и за прифаќањето дека навистина „Охрид има План Б“. Продолжуваме тој План Б да го развиваме и натаму сега и преку членството во Советот на Општина Охрид.

Антонио Наумоски – Тоци, носител на листата на група избирачи „Охрид има План Б“