Прв пат се вклучувам во политиката. Имав голема желба за да се занимавам со политика. Никогаш не сум била партиски определена, секогаш сум била независна, токму поради тоа се вклучив во независна листа. Граѓаните бараат промени, младината најмногу, токму поради тоа ние ќе направиме најмногу за нив. Јас многу ќе се борам и за жените, вели во интервју за порталот Охрид 1 кандидатот за советник од независната листа „Охрид има План Б“, Мевља Шазиман.

Благодарение на нејзиниот ангажман, независната листа „Охрид има план Б“ неодамна доби поддршка од партијата на Реџеп Таип Ердоган.

– Да, бевме во Турција каде што имаме многу блиски роднини и пријатели. Имаме и роднина која е во советничка листа во (АКП) на Реџеп Таип Ердоган. Таму се сретнав со пратеничката од Партијата на правдата и развојот (АКП), Саре Ајдин, која важи за една од влијателните жени во Турција и близок соработник на Ердоган. Разговаравме за престојните локални избори во Македонија, за учеството на жената во политиката, вели Шазиман.

Таа е категорична дека доколку ја добие поддршката од граѓаните ќе се залага за што поголема застапаност на жената во политика, но застапеност и на жената турчинка во политиката.

– Знаеме дека во Европа 50% од политичарите се жени. И во Турција е така. Кај нас за жал не е така. Јас ќе се потрудам истото да го спроведам и овде. Не се важни само правата на жената, туку и правата во семејството. Значи, ако имаме поддршка од семејството, можеме многу да успееме. Јас сум среќна што ја имам целокупната поддршка од моето семејство, вели Шазиман.

Инаку Мевља Шазиман е родена во Струга, а е среќно омажена е во Охрид, каде што и живее. Мајка е на две малолетни деца. Во моментов не е вработена.