Процесите на планирањето и уредувањето на просторот се комплексни и бараат добро познавање на голем корпус на законски и подзаконски акти. Планирањето и уредувањето на просторот бара и континуирана соработка со голем број државни организации.

Ние од независната листа на „Охрид има план Б“, со носителот на листата Антонио Наумоски, сметаме дека треба да се спроведе преиспитување на сообраќајните решенија во Охрид во контекст на потребата од создавање на сообраќајни услови за непречено пешачење и користење на велосипеди и други превозни средства кои не предизвикуваат аерозагадување.

Треба да се направи мапирање на подрачја во општината каде е неопходна урбана и социо-економска регенерација на деградирани делови, зајакната заштита на урбаното зеленило и подрачјата за рекреација, како и на културното наследство.

Сметаме дека треба да се вклучи стручната и општата јавност во годишната анализа на спроведувањето на урбанистичките планови и во почетната фаза на подготовка на годишните програми за изработка на урбанистичките планови на општината.

Општина Охрид мора да оформи партиципативно тело за урбанистичко планирање со истакнати архитекти, луѓе со респект особено од култутрата, здруженија на граѓани, приватниот сектор.

Посебно како советници ќе се залагаме граѓаните да бидат навремено информирани за сите урбанистички планови кои ќе ги спроведува Општина Охрид, преку најразлични канали на комуникација земајќи предвид дека најранливите категории најчесто немаат достапност до технологија и современи начини на споделување на информации поврзани со постапката за подготовка и донесување на урбанистичките планови.