Како иницијатива и советници во Советот, нашата цел ќе биде Општината да профункционира квалитетно и затоа сметаме дека се потребни промени во пристапот кон работата и ингеренците.

– Прво ќе поднесеме барање да се донесе општа стратегија за Охрид чија основа ќе бидат Плановите за управување со природното и културното наследство и спроведување на мерките предвидени во нив. На Охрид му се потребни мерки кои ќе го обезбедат квалитетот на водите во Охридското Езеро и со тоа одржување на градот како туристички интерес. Без квалитет на водите во езерото, туристичкиот интерес брзо ќе опадне. За таа цел ќе бараме итно формирање на консултативен експертски Совет за односи со УНЕСКО на кој на стручно, а не манипулативно ниво ќе се разрешат сите контраверзи во односот Охрид-УНЕСКО кои се вештачки продуцирани последниве години. Паралелно со тоа, тој Совет ќе одржува меѓународна туристичка политика за Охрид и ќе го врати Охрид на туристичките берзи, но со нова понуда базирана на алтернативниот туризам и гастрономската понуда.

– Второ ќе бараме да се реорганизираат секторите на локалната самоуправа кои се сега тотално нефункционални и безпредметни и не придонесуваат за развојот за Општината. Тука влегува и реорганизацијата на Јавните претпријатија, посебно ЈП „Охридски Комуналец“. Ние ќе инсистираме на примена на словенечкото искуство на организирање на јавната чистота на ниво на зони и ќе поддржиме и приватизација на секторот јавна чистота и јавна хигиена.

– Трето ќе бараме Градоначалникот, а и Советот како највисокот тело на локалната самоуправа да формира Експертски Кабинет кој ќе се состои од преставници од трите најважни институции во Охрид – Факултетот за Туризам, Хидробиолошкиот Институт и Завод и Музеј. Во тој Експертски Кабинет треба да се носат предлозите за одлуки за управување со Охрид, а не во партиски тела.

Се’ на се’, искуството говори дека решението за Охрид треба да се бара само во стручно а не партиско раководење. Знаејќи ја партиската окупираност тој процес ќе бара или многу време или храбри и бескомпромисни радикални потези.

Ние сме за радикални потези и затоа веднаш ќе започнеме иницијатива за спроведување на non-partisan демократија на локално ниво и на идните локални избори т.е избори без директно учество на политички партии туку со кабинети на експертско ниво и избори со граѓански кандидати за кои ќе биде единствено важен јавниот интерес и јавното добро.