Нашиот приоритет произлегува од надлежностите на Советот, а тоа е да се обезбеди функционална општина и сервис за граѓаните. Но ние ќе го „нападнеме“ Советот и градоначалникот со иницијативи, одлуки, барања кои ќе се однесуваат приоритетно на неколку сфери. Мора да помогнеме на површина да „испливаат“ кадри кои имаат идеи, кои имаат желба да создаваат во нашата општина, а не да се потпираме на партиските кадри кои единствен успех им е да бидат вработени, вели Антонио Наумоски, носител на независната листа „Охрид има план Б“.

– Охрид е туристички центар. Во нашата програма има многу идеи преку кои ќе го зајакнеме туристичко-угостителски сектор. Не може само да се бара одговорност и да се казнува. Треба да им се подаде рака на сите во бизнис заедницата, доколку сакаме истите да работат според важечките закони. Занаетчиите во Охрид се огледало на нашиот град и истите мора да ги поддржиме. Таксистите исто така. Мора да се субвенционираат, затоа што овие луѓе мора да живеат во текот на целата година, а не само во трите месеци кога за нив има најмногу работа. Ги знаеме нивните проблеми и ќе направиме сè за да ги надминеме. Бродари, кајчари, хотелиери, угостители, активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, културата… Сите поминаа тешки години по кои мора да се охрабрат и поддржат. Сите овие алки мора да се спојат доколку сакаме Охрид да го направиме вистински бизнис центар. Мора да се спречи натамошното уништување и да се вложат сите ресурси за подобрување на квалитетот на живот во општина Охрид, вели Наумоски.