Сликата за политичкото раководење на општините е сериозно промената. Граѓаните бараат решенија, а не партиски манипулации. Граѓаните бараат полесен пристап до услугите и почитување на законите.

– Граѓаните бараат да ги остварат своите интереси, а не да бидат заробеници на таканаречени партиски интереси. Впрочем, мене и кандидатите од нашата советничка листа никогаш не ни било јасно што се тоа партиски интереси. Ние подразбираме јавен интерес и интерес на граѓаните. Други интереси се измислици за манипулација. Граѓаните, посебно новата генерација ги препозна 30-годишните манипулации и чинам дека од овие избори ќе почне да избира свои директни претставници во органите на локалната самоуправа. Прилично сме убедени дека новиот совет на општина Охрид, како прв орган на локалната самоуправа, ќе има во својот состав рекорден број на членови од независните листи и со тоа ќе добие на отвореност и квалитет, а следствено на тоа и поголема реализација на граѓанските потреби наместо празни партиски ветувања и флоскули, вели носителит на независната листа „Охрид има план Б“, Антонио Наумоски во интервју за весникот Vecer.press одговарајќи на прашањето дали независните или можеби третите опции тешко имаат можност да го пробијат црно-белиот свет на двете најголеми партии.

Што се однесува до потенцијалните гласачи и до тоа од кого „Охрид има план Б“ очекува најмногу поддршка, Наумоски потенцира:

– Ние одреден период наназад сериозно ги анализиравме потребите на граѓаните на Охрид и прилично ни е јасно во кој домен се бараат промените и идните зафати. И базирано на тие анализи нашата стратегија е да се обратиме до секој еден граѓанин на општина Охрид. Граѓаните бараат еднаквост во односот, почитувањето на законите и реализација на своите бизнис идеи. И оние од центарот на Охрид, и тие во месната заедница Железничка, и оние во урбаната заедница Билјанини Извори и оние во Стариот град, Воска, Влашка Маала, Видобишта. Но, нам ни се јасни и потребите и на граѓаните од Косел, Лескоец, Велгошти и од Рача, Пештани и Љубаништа. Ќе побараме поддршка и од граѓаните кои имаат свои бизниси, и од граѓаните кои работат во туризмот и од оние кои работат во земјоделието. Ќе понудиме борба за еднаквост, професионализам на услужните сектори во локалната самоуправа и отворање на можности за реализација на идеите и визиите на самите граѓани и сектори, вели Наумоски.