Во сите тие години, единствено што може граѓаните да видат и почувствуваат е партиски интерес кој стави во длабока сенка сè она што требаше да биде интерес на заедницата односно граѓаните. Таквиот пристап е веќе прочитан и надминат и со оглед на тоа дека не донесе придобивки, предизвика израз на отпор кој се отсликува во форма на независни движења на индивидуалци кои имаат многу да дадат за својот град, а не можеле да дојдат до израз. Тој пристап покажува два правца. Првиот дека Охрид има значајна база на таква интелектуална индивидуална сила и ние ја нудиме како опција за напредок на целата општина и вториот дека граѓаните се будат од затвореноста на партиските системи и сакаат Охрид да биде раководен од луѓе кои ги разбираат вистинските вредности и потреби

Антонио Наумоски, носител на независна листа за советници „Охрид има план Б„

Веднаш по Скопје, Охрид е на второ место по бројот на поднесени листи со независни советници. Што покажува тоа за градот?

-И државата и посебно општините веќе имаат сериозно искуство од 30 години на очајно управување од страна на политичките партии. Во сите тие години единствено што може граѓаните да видат и почувствуваат е партиски интерес кој стави во длабока сенка сè она што требаше да биде интерес на заедницата, односно граѓаните. Таквиот пристап е веќе прочитан и надминат и со оглед на тоа дека не донесе придобивки, предизвика израз на отпор кој се отсликува во форма на независни движења на индивидуалци кои имаат многу да дадат за својот град, а не можеле да дојдат до израз.

Тој пристап покажува два правца. Првиот дека Охрид има значајна база на таква интелектуална индивидуална сила и ние ја нудиме како опција за напредок на целата општина и вториот дека граѓаните се будат од затвореноста на партиските системи и сакаат Охрид да биде раководен од луѓе кои ги разбираат вистинските вредности и потреби.

Јованка ЦАРУЛЕСКА ГРУЕВСКА

До пред неколку изборни циклуси, генерално владееше впечаток дека независните или можеби третите опции тешко имаат можност да го пробијат црно-белиот свет на двете најголеми партии. Кој е вашиот впечаток сега, имаат ли независните реална шанса да влезат во општинските совети и да добијат градоначалничко столче?

-Како што веќе дискутиравме сликата за политичкото раководење на општините е сериозно промената. Граѓаните бараат решенија, а не партиски манипулации. Граѓаните бараат полесен пристап до услугите и почитување на законите. Граѓаните бараат да ги остварат своите интереси, а не да бидат заробеници на таканаречени партиски интереси. Впрочем, мене и кандидатите од нашата советничка листа никогаш не ни било јасно што се тоа партиски интереси. Ние подразбираме јавен интерес и интерес на граѓаните. Други интереси се измислици за манипулација. Граѓаните, посебно новата генерација ги препозна 30-годишните манипулации и чинам дека од овие избори ќе почне да избира свои директни претставници во органите на локалната самоуправа. Прилично сме убедени дека новиот совет на општина Охрид, како прв орган на локалната самоуправа, ќе има во својот состав рекорден број на членови од независните листи и со тоа ќе добие на отвореност и квалитет, а следствено на тоа и поголема реализација на граѓанските потреби наместо празни партиски ветувања и флоскули.

Кои се вашите потенцијални гласачи, до кого ќе се обраќате и од кого најмногу очекувате поддршка?

Ние одреден период наназад сериозно ги анализиравме потребите на граѓаните на Охрид и прилично ни е јасно во кој домен се бараат промените и идните зафати. И базирано на тие анализи нашата стратегија е да се обратиме до секој еден граѓанин на општина Охрид. Граѓаните бараат еднаквост во односот, почитувањето на законите и реализација на своите бизнис идеи. И оние од центарот на Охрид, и тие во месната заедница Железничка, и оние во урбаната заедница Билјанини Извори и оние во Стариот град, Воска, Влашка Маала, Видобишта. Но, нам ни се јасни и потребите и на граѓаните од Косел, Лескоец, Велгошти и од Рача, Пештани и Љубаништа. Ќе побараме поддршка и од граѓаните кои имаат свои бизниси, и од граѓаните кои работат во туризмот и од оние кои работат во земјоделието. Ќе понудиме борба за еднаквост, професионализам на услужните сектори во локалната самоуправа и отворање на можности за реализација на идеите и визиите на самите граѓани и сектори.

Што ќе биде приоритет за вашата независна советничка листа? Што е она што ќе го понудите вие, а недостасува кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?

Она што недостасува кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е веќе акцептирано од граѓаните во изминативе 30 години. Заради тие недостатоци и како држава и како општина влеговме во критичен период и базирано на целата партиска безидејност, освен партиските војници секој друг граѓанин раскрстил со партиските понуди.

Нашиот приоритет произлегува од надлежностите на Советот, а тоа е да се обезбеди функционална општина и сервис за граѓаните. Но ние ќе го нападнеме Советот и градоначалникот со иницијативи, одлуки, барања кои ќе се однесуваат приоритетно на неколку сфери. Мора да помогнеме на површина да „испливаат“ кадри кои имаат идеи, кои имаат желба да создаваат во нашата општина, а не да се потпираме на партиските кадри кои единствен успех им е да бидат вработени.

Бизнис секторот мора да се ослободи од стегите на партиите. Само на овој начин граѓаните ќе имаат шанса достоинствено да влегуваат во институциите, да не се мачат при поднесување на документи и брзо и лесно да ги вадат истите. Само со враќање на довербата во локалната власт младите ќе можат да градат иднина во Охрид.

Охрид е туристички центар. Мора така и да биде. Во нашата програма има многу идеи преку кои ќе го зајакнеме туристичко-угостителски сектор. Не може само да се бара одговорност и да се казнува. Треба да се подаде рака на сите во бизнис заедницата доколку сакаме истите да работат според закони. Занаетчиите во Охрид се огледало на нашиот град и истите мора да ги поддржиме. Таксистите исто така. Мора да се субвенционираат, зашто Охрид не се само три месеци кога има работа. Овие луѓе мора да живеат во текот на целата година. Нивните проблеми ги знаеме и сè ќе направиме истите да ги надминеме.

Бродари, кајчари, хотелиери, угостители, активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, културата… сите поминаа тешки години по кои мора да се охрабрат и поддржат. Сите овие алки мора да се спојат доколку сакаме Охрид да го направиме бизнис центар. Мора да се спречи натамошното уништување и да се вложат за подобрување на квалитетот на живот во општина Охрид.

Ова се приоритетни мерки кои ќе ја изведат општината од сивилото и ќе зацртаат нов позитивен правец на развој. За сето тоа да се оствари фокусот ќе ни биде кон зајакнување на капацитетите за учество во меѓународни проекти и програми. Финансиската конструкција за мноштво на проекти кои ги планираме ќе ја обезбедуваме од меѓународни донатори базирано на планови и мерки кои ги има во стратешките документи и тоа нема да го оптоварува основниот Буџет на Општината. Сметаме дека Охрид има услови својот развој да го базира на финансиски инструменти на меѓународната донаторска заедница.

Поради пандемијата, Охрид втора година по ред се соочува со намален број туристи, особено странски гости, а тоа сериозно влијае врз општинската каса и развојот на општината? Кој е вашиот план за да му помогнете на туристичко-угостителскиот сектор?

Прво мора да направиме разлика помеѓу туристи и гости во Охрид. Намалениот број токму на туристи не е само последица на пандемијата туку на долгогодишната анемија за прилагодување на новите туристички трендови. Нашиот план оди во правец на адаптирање на новите потреби на туризмот и како даватели на услуги и на туристите како приматели на услуги. Прво ние ќе бараме инвестирање во меѓународниот туризам каде што сметаме дека Охрид треба да има свое место. Ќе бараме отворање на нов сектор за надворешна туристичка политика на Охрид од каде стручни лица ќе ја водат политиката кон меѓународниот туристички пазар. Ќе работиме на ефектуирање на екосистемските услуги на самиот Охридски регион кои можат да носат огромен прилив на финансии. Исто така ќе воведеме брендирање на производите и услугите од Охридскиот регион преку издавање сертификат дека тие услуги и производи доаѓаат од заштитен и меѓународно признат Биосферен резерват. Тоа ќе ја зголеми вредноста на Охрид на меѓународниот пазар. Како што гледате фокусот ќе ни биде меѓународниот туризам кој цениме треба да биде основа на туризмот во Охрид.

Од домашните задачи како поткрепа на секторот ќе бараме субвенционирање на некои од услугите во функција на туризмот (автобуски превозници, таксисти, бродари…) понатаму субвенционирање на хотелиерите со воведување на хотелиерски консалтинг заради обука и зголемување на квалитетот на услугите во насока на приближување кон елитен туризам, олеснување на давачките и поедноставување на процедурите на угостителскиот сектор, поддршка на занаетчиство и мали бизниси и посебно на еснафите како што ги викаме во Охрид, а мислам на традиционалните дуќанџии, традиционалните бербери, фризери… Така во Охрид ја гледаме обединетоста на бизнисот и интересот на граѓаните и тоа го подразбираме како поддршка на бизнис иницијативноста.

Со рекорден број дивоградби, како ќе го спасите Охрид да не го загуби статусот заштитено наследство?

Во контекст на УНЕСКО прво што ќе побараме одржување состанок со сите релевантни фактори (институции, национална комисија, експерти) кои конечно ќе објаснат што е вистината за заштитата на природното  и културното наследство на Охридскиот регион. Ние имаме консултации со експерти кои јасно укажуваат дека проблемот ни оддалеку не е во дивоградбите кои патем се наша домашна работа за средување туку во некои легални планови.

Базирано на заклучоците од тој состанок веднаш ќе побараме состанок со мисијата на УНЕСКО и јасно ќе ставиме до знаење дека со Охрид не може да се манипулира и дека статусот на заштитено наследство не може реално да биде загрозен туку може само да се унапредува.

Ние знаеме дека УНЕСКО е статус кој е важен пред сè за промовирање туристичка дестинација, но одбраната на природното и културното наследство на Охрид ќе ја спроведуваме преку почитување на стратешките документи кои постојат, како што се плановите за управување со Охридскиот регион и мерките кои се во нив предвидени.

Линк до веста.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.